Од вчера невработените лица како и фирмите можат да ги доставуваат своите апликации во Агенцијата за вработување за добивање на кредит за отворање сопствен бизнис. Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски вчера ги повика фирмите што ги исполнуваат условите за кредитирање од објавениот оглас да поднесат апликации во работните клубови на 30. центри за вработување во држава. Оваа мерка се воведува првпат. Модифицирана е соодветно на искуствата од претходните години и е мотивација за правните субјекти кои веќе започнаа сопствен бизнис со поддршка на државата во претходните години. Корисници на кредит можат да бидат микро и мали претпријатија регистрирани најмалку една година пред денот на објавување на огласот и што имаат најмалку двајца вработени минимум три месеци.
Од вчера невработените лица како и фирмите можат да ги доставуваат своите апликации во Агенцијата за вработување за добивање на кредит за отворање сопствен бизнис.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски вчера ги повика фирмите што ги исполнуваат условите за кредитирање од објавениот оглас да поднесат апликации во работните клубови на 30. центри за вработување во држава.
„Оваа мерка се воведува првпат. Модифицирана е соодветно на искуствата од претходните години и е мотивација за правните субјекти кои веќе започнаа сопствен бизнис со поддршка на државата во претходните години“, рече Ристовски на прес-конференцијата.
Корисници на кредит можат да бидат микро и мали претпријатија регистрирани најмалку една година пред денот на објавување на огласот и што имаат најмалку двајца вработени минимум три месеци. Исто така, тие треба да не го намалиле бројот на вработените во изминатите шест месеци. Ќе може да се вработуваат и невработени лица кои биле евидентирани во Агенцијата најмалку три месеци до објавата на огласот.
Кредитот изнесува 3.000 евра по вработено лице, а максимум ќе можат да се добијат 9.000 евра за три работни места. Фирмата ќе има обврска да ги задржи на работа најмалку 36 месеци од денот на засновањето на работниот однос или на нивно место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на Агенцијата за вработување. Во спротивно, ќе треба предвремено да го врати кредитот во целост.
Фирмите ќе ги добијат парите со каматна стапка од еден процент, едногодишен грејс период, две години рок за враќање и полугодишна исплата на две еднакви рати. Освен тоа, фирмата ќе мора да обезбеди гаранција за поврат на парите со хипотека во однос 1:1 од одобрениот кредит, или најмалку еден жирант или рачен залог во однос 1:2 според висината на кредитот или банкарска гаранција.
Ристовски појасни дека предност ќе имаат правните субјекти што се основани со активните владини програми и мерки за вработување, како и формирани со кредити од проектот за самовработување, но доколку го отплатиле кредитот во целост и не го намалиле бројот на вработените за кои ги користеле средствата.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека со овој проект се заокружува групата од 12 социоекономски мерки на Владата. „Во наредните 20 дена секоја фирма што ги исполнува критериумите ќе може да ги добие кредитните средства, кои не се ни малку, ни многу, но сепак се со многу поволни услови што не ги дава ниту една банка“, посочи Поповски.